За нас

Кои сме ние?

АПИЦЕНТАР Др.Петровски е прва регистрирана институција во Република Македонија што работи на полето на селекција и производство на пчелен генетски материјал од македонската медоносна пчела APIS MELLIFERA MACEDONICA. Овој подвид (раса) на медоносни пчели се одгледува во АПИЦЕНТАР каде генетската припадност се контролира преку ДНК анализа. Репроцентарот е регистриран од 2003 година според Законот за сточарство и евидентиран во книгата на одгледувачници на генетски материјал во сточарството при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

Располага со 12 локации, распоредени во Источниот дел на Република Македонија, во околината на Осоговските планини. Покрај производството на селектиран генетски материјал, произведува и пчелни производи: мед, матичен млеч, прополис, мешавина и др.

Репроцентарот е формиран 2002 година од Проф. Др. Александар Узунов – (катедра сточарство, предмет пчеларство)-факултет за земјоделски науки и храна-Скопје, Македонија, а подоцна го преземаат Др. Ангел Петровски – дипломирал на факултетот за ветеринарна медицина-Стара Загора-Бугарија, и Др. Илија Петровски – дипломирал на факултетот за ветеринарна медицина-Скопје-Македонија.

АПИЦЕНТАР Др. Петровски има и сопствена ветеринарна амбуланта специјализирана за испитување, дијагностика и лекување на болести кај пчелите (Varroa destructor, Nosema apis et Nosema ceranae).

Селекцијата се спроведува по најновите BEEBOOK европски стандардни методи на 120 пчелни семејства, кои се  распоредени на 2 локации (Pesnik и Dracevica) и составени од 6 различни линии на Apis mellifera macedonica. Три пати во текот на годината се вршат мерења во однос на 4 параметри: одбранбено однесување, медопродуктивност, толерантност на болести и роидбено однесување. Само оние матици со најголем селекциски индекс влегуваат во понатамошната селекција. Од добиените резултати се одредуваат најдобрите 4 линии од кои се зема генетскиот материјал за производство на нашите матици (A, B, C, D) и 2 линии од кои се зема генетскиот материјал за производство на трутовските фамилии (E и F).

Матиците кои се произведуваат во нашиот репроцентар се спаруваат контролирано (70% – 95%), со селектирани трутовски семејства на 3 различни оплодни станици: оплодна станица Леговец (490 м), оплодна станица Плавица (950 м), оплодна станица Луково (1150 м).

Целото производство на матици се одвива во строго контролирани услови при што се добиваат МСБ (матици слободни од болести), кои ги поседуваат сите потребни здравствени сертификати од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија.

Дополнително во центарот се спроведува ДОБРА ПЧЕЛАРСКА ПРАКСА преку која се обезбедува највисоко ниво на хигиена при производството на матици и нуклеуси. Во центарот строго се контролира движењето на другите одгледувачи на пчели (гости во центарот), а работата со пчелните семејства е ограничена само на вработените во центарот.

Целиот протокол на селекција се менаџира, а одгледувачката вредност на матиците се пресметува, преку специјално дизајниран компјутерски програм.
Евиденцијата дава информации за потеклото на матиците и трутовите во неколку генерации наназад. Потврда на информациите од педигрето се добива со морфометриска анализа и со суперконтрола преку ДНК.

za-nas

Покрај споменатите контроли се користи и анатомска дисекција на одреден број матици за да се утврди количината на сперма во јајниците, квалитетот на спарување и тежината на матицата.  Селекцијата на матиците се врши од оние пчелни семејства кои што покажале изворедни резултати. Крајната цел на нашата одгледувачка програма е да произведеме пчели кои се отпорни на болести и вируси (здрави пчели=живи пчели) и во исто време вршиме селекција на медопродуктивност, темперамент, ниско ниво на роење.
Оплодените матици пред да бидат спакувани за транспорт до крајниот купувач поминуваат низ неколку тестови кои траат 2 недели:

· Тест за испитување на квалитетот на леглото
· Тест за испитување на здравствената состојба
· Тест за испитување на плодната состојба

Нашата цел не е само да ви понудиме продукт без идентитет, туку високопродуктивни матици и нуклеуси кои ќе бидат здрави. Ние се надеваме дека новите и оние пчелари со долгогодишно искуство ќе уживаат и ќе имаат бенифит од овие високопродуктивни и со одлични карактеристики, матици.

angel

Др. Ангел Петровски
(доктор по ветеринарна медицина)

ilija

Др. Илија Петровски
(доктор по ветеринарна медицина)

img_1495
img_1500
img_1510