Матици и нуклеуси

Матичното книговодство во АПИЦЕНТАР претставува основниот столб врз што се потпира целокупната селекција на матиците. Евиденцијата се изведува со помош на компјутерски програми кои ги анализираат податоците. Постојаниот контакт со соработниците и клиентите ни овозможува повратни информации за квалитетот на продадените матици.

За првпат започнавме со селекција од 2003 година по стандарди пропишани од Катедрата за пчеларство на факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, а веќе од 2014 година целата селекциска програма се спроведува по најновите BEEBOOK европски стандардни методи.

Од 2014 година се спроведува селекција на 120 пчелни семејства, кои се распоредени на 2 локации (Пешник и Драчевица) и составени од 4 различни линии А, Б, В и Г на Apis mellifera macedonica. Три пати во текот на годината се вршат мерења во однос на четири параметри: темперамент, медопродуктивност, отпорност на болести и роев нагон. Само оние матици со најголем селекциски индекс влегуваат во понатамошната селекција. Од добиените резултати се одредуваат најдобрите 4 линии од кои се зема генетскиот материјал за производство на нашите матици А, Б, В и Г.

Целото производство на матици се одвива во строго контролирани услови при што се добиваат МСБ (матици слободни од болести), а истите ги поседуваат сите потребни здравствени сертификати од Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија.

Производството на матици е со методот на еднократно пресадување на ларви, а во самиот процес се користат стартери, финишери, инкубатор, оплодници и нуклеуси.

Во зависност од потребите, матиците кои се произведуваат во нашиот репроцентар се спаруваат контролирано (70% – 90%), со селектирани трутовски семејства на 3 различни оплодни станици.

Showing all 6 results